Преминете кон содржината

Пазарите на обврзници го диктираат расположението на берзата

Растот на приносите на обврзниците создаде притисок врз цените на акциите, додека послабите податоци за вработеноста во САД и повисоката инфлација во Европа ги нагласија различните предизвици пред ФЕД и ЕЦБ во носењето на одлуките за каматните стапки.

Индекс

Принос за една недела*                (25.09.2026 – 02.10.2026)

Принос за оваа година*     (31.12.2025 – 02.10.2026)

Свет - MSCI World+0,62%+17,44%
САД - S&P 500+0,95%+18,65%
Европа -  STOXX 600-1,11%+9,53%
Јапонија - Topix+0,74%+26,73%
Пазари во развој - MSCI Emerging markets-0,01%+29,30%

*вклучувајќи дивиденди, пресметано во евра

 

Извор: Bloomberg

Берзите во неделата пред почетокот на последниот квартал главно беа под влијание на случувањата на пазарите на обврзници. Растот на приносите на државните обврзници предизвика загриженост дека повисоките трошоци за финансирање би можеле да влијаат врз економскиот раст и профитабилноста на компаниите.

 

Во САД, послабите податоци за инфлацијата и вработеноста ги намалија очекувањата за понатамошно зголемување на каматните стапки, но истовремено отворија прашања за отпорноста на економијата. Во Европа, забрзувањето на инфлацијата, поттикнато и од повисоките цени на енергијата, продолжи да ја држи Европската централна банка (ЕЦБ) под притисок за дополнително затегнување на монетарната политика.

 

Цените на нафтата бележеа значителни осцилации во текот на неделата, а очекувањата за подобрување на понудата придонесоа за нивен пад кон крајот на неделата. Од друга страна, позитивните деловни резултати на технолошките компании и континуираниот раст на побарувачката поврзана со вештачката интелигенција дадоа значителна поддршка на акциите.

 

Американските акции закрепнаа по првичната нестабилност, поддржани од намалувањето на приносите на обврзниците и ослабените очекувања за зголемување на каматните стапки во октомври. Претходно, во четвртокот, приносот на 10-годишната американска државна обврзница достигна 5,3% - највисоко ниво од 2002 година. И покрај закрепнувањето, S&P 500 ја заврши неделата со благ пад од 0,27%, додека технолошкиот Nasdaq оствари раст од 0,45%, изразено во локална валута.

 

Индексот на лична потрошувачка PCE во август се зголеми за 3,4% на годишно ниво, што беше под очекуваните 3,7%. Воедно, петочниот извештај за пазарот на трудот покажа дополнително забавување на вработеноста. Во септември биле отворени само 29.000 нови работни места, додека стапката на невработеност се зголеми на 4,2%. Послабите податоци го намалија притисокот врз ФЕД за дополнително зголемување на каматните стапки, но истовремено укажаа и на можен ризик од забавување на економијата.

 

Кај поединечните компании, Accenture се издвои со раст на акциите од 16% по објавувањето на резултатите. Кварталните приходи се зголемија за 6% на годишно ниво, достигнувајќи 18,7 милијарди долари, а компанијата прогнозира раст на приходите од 3% до 6% во следната финансиска година.

 

Производителот на мемориски чипови Micron објави уште позначителен раст на приходите. Кварталните приходи достигнаа рекордни 54,2 милијарди долари, што е околу 379% повеќе во однос на истиот период минатата година и 31% повеќе од претходниот квартал. Позитивната прогноза за следниот квартал дополнително ги поддржа очекувањата за продолжување на растот на побарувачката за меморија за инфраструктура поврзана со вештачката интелигенција. Сепак, и покрај силните резултати, реакцијата на акциите на Micron беше воздржана, бидејќи по растот од над 280% од почетокот на годината, очекувањата на инвеститорите веќе се многу високи.

 

Од друга страна, производителот на спортска облека Nike објави послаби резултати. Кварталните приходи се намалија за 4% на годишно ниво, на 11,2 милијарди долари, додека продажбата директно до потрошувачите се намали за 8%.

 

Европските акции ја завршија неделата претежно со пад, под притисок на високите трошоци за енергија, забрзувањето на инфлацијата и растот на приносите на државните обврзници. Првичните податоци за септемвриската инфлација во најголем дел ги надминаа очекувањата, засилувајќи ја загриженоста дека Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ја задржи рестриктивната монетарна политика подолго од очекуваното.

 

Годишната инфлација во еврозоната се зголеми на 3,8% во септември, од 3,2% во август, надминувајќи ги очекувањата од 3,6%. Цените на енергијата пораснаа за 18,8%, додека базичната инфлација изнесуваше 2,5%, во согласност со очекувањата.

 

Во Франција, состојбата со јавните финансии станува сè понеизвесна. Владата го претстави нацрт-буџетот за 2027 година, со цел јавниот дефицит да се намали на 5% од БДП. Неизвесноста околу неговото одобрување во парламентот дополнително ја зголемува загриженоста кај инвеститорите и ги зголемува трошоците за задолжување на земјата.

 

Приносот на 10-годишната француска државна обврзница надмина 5%, додека разликата во однос на приносот на споредливата германска обврзница се зголеми на 160 базични поени, односно 1,6 процентни поени.

 

 

 

Автор:

Jure Štimac

Тековни случувања на пазарот на капитал

Во нашите публикации ќе најдете анализи и коментари за актуелните случувања на капиталните пазари.

16.09.2026

Поскапата нафта и повисоките каматни стапки го намалуваат берзанскиот оптимизам

Прочитај повеќе