Инвестициски можности
ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНДОВИ
ИНДИВИДУАЛНО УПРАВУВАЊЕ
КОМБИНИРАНИ ПРОИЗВОДИ
За долгорочен успех потребно е внимателно осмислена стратегија. Креирајте портфолио кое ќе биде поотпорно на корекциите од финансиските пазари.
Ризикот треба да се диверзифицира
Една поединечна инвестиција може да биде изложена на ненадејни промени во вредноста – не само поради случувањата на финансиските пазари, туку и поради деловните одлуки на компаниите, состојбите во одредени земји или специфичностите на поединечни индустрии.
Затоа не е препорачливо сите средства да се вложат во една единствена инвестиција. Поразумно е средствата да се распределат помеѓу различни видови инвестиции, како што се акции, обврзници и суровини. Со ваква диверзификација се намалува вкупниот ризик, бидејќи е помалку веројатно сите инвестиции истовремено да ја изгубат својата вредност.
Пред да започнете со инвестирање, важно е да си го поставите прашањето колкав ризик сте подготвени да прифатите. Вредноста на инвестициите на капиталните пазари може да варира – затоа е клучно да размислите како би се чувствувале при евентуален пад на вредноста и како тоа би влијаело врз вашата финансиска стабилност.
Инвестициите се разликуваат според степенот на ризик. Меѓу помалку ризичните опции спаѓаат паричните депозити и штедните сметки, но тие обично носат пониски приноси – и на долг рок ја губат својата реална вредност поради влијанието на инфлацијата. Повисок степен на ризик, но и поголем потенцијален принос, имаат акциите, обврзниците и алтернативните инвестиции.
Инвестициските (заеднички) фондови често претставуваат урамнотежено решение. Благодарение на диверзификацијата помеѓу различни инвестиции, тие овозможуваат намалување на изложеноста на пазарен ризик во портфолиото на инвеститорот, а притоа и натаму нудат можност за солидни приноси – сè зависи од видот на избраниот фонд.
Ризикот не е нешто негативно – тој е составен дел од секој раст. Најважно е да го разберете, да го прифатите во мера што ви одговара и да го усогласите со вашите цели, временски хоризонт и искуство. Ние сме тука да ви помогнеме во тој процес.
Едно од основните правила на инвестирањето вели: колку подолго можете да останете во инвестиција, толку поголем ризик можете да си дозволите. Со текот на времето, влијанието на краткорочните корекции на пазарот се намалува, а долгогодишното инвестирање овозможува подобро искористување на ефектот на камата врз камата. Времетраењето на инвестирањето се нарекува и инвестициски хоризонт, кој е клучен фактор при изборот на соодветна стратегија.
За краткорочни цели се препорачуваат помалку ризични инвестиции – на пример, обврзнички инвестициски фондови, обврзници, банкарски депозити, штедни сметки и слично.
При долгорочно инвестирање, пак, се разумни релативно поризични вложувања, како што се акциски инвестициски фондови, акции, инвестиции во недвижнини, алтернативни фондови и слично, кои нудат поголем очекуван принос.
Повеќе за времетраењето на инвестирањето можете да прочитате на страницата „Инвестициски хоризонт“.
Не постои точно определен број на инвестиции кој би гарантирал инвестициски успех. Сè зависи од вашите финансиски можности, знаење, искуство, времетраење на инвестирањето и, секако, од диверзификацијата на избраните инвестиции.
На пример, ако изберете фонд кој вложува во акции и обврзници од издавачи ширум светот, еден фонд може целосно да ги покрие вашите изложености кон овие две инвестициски класи. Доколку на тоа додадете и неколку краткорочни инвестиции наменети за покривање на краткорочни и среднорочни штедни цели, вашата стратегија веќе може да биде смислена. При градење на вашето портфолио, со тек на времето ќе развиете чувство како се движат поединечните инвестиции и ќе ги откриете оние кои одговараат на вашите желби и цели.
Секој инвеститор е уникатен – тоа што е соодветно за едни, не мора да биде соодветно и за други. Препорачливо е пред донесување на одлука да го пополните прашалникот „Проценка на познавањето на инвестиции“, кој ќе ви помогне да разберете колку знаење и искуство имате поврзано со инвестирањето.
Врз основа на тие информации, ќе можете полесно да изберете инвестиции кои одговараат на вашите цели и временски хоризонт.
Повеќе информации можете да најдете на страницата „Споредба на инвестициски класи“.
Голема предност на инвестирањето во НЛБ Фондови, покрај изборот од 5 фондови со различна инвестициска политика, е можноста за постепен влез – со редовни месечни вложувања. Инвестициите можете да ги прилагодувате на вашите тековни финансиски можности, што ви овозможува поголема флексибилност со тек на времето.
Инвестирањето е трка на долги патеки. Најдобрите резултати се постигнуваат со долгорочно размислување, упорност и дисциплиниран пристап.
Промислено распределување на парите е основа на личните финансии. Поставете цели и распределете ги средствата според временскиот период и намената:
При одлучувањето каде и како да ги инвестирате вашите заштеди, клучно е да ја земете предвид вашата сопствена стручност и искуство во инвестирањето.
Доколку веќе имате искуство со инвестициски фондови или други финансиски инструменти, можете да си дозволите поголем дел од средствата да ги вложите во подинамични инвестиции. Ако, пак, штотуку започнувате, препорачливо е да се пристапи постепено, така што ќе го градите вашето разбирање и доверба во капиталните пазари.
При сите финансиски одлуки е важно да ја погледнете целата слика на вашата лична финансиска состојба: колкав дел од средствата е вложен во недвижности, колку имате на штедни сметки, дали веќе поседувате акции, обврзници или други финансиски производи. Само со ваков преглед можете реално да оцените колкав ризик можете да си дозволите со новите инвестиции.
Најуспешните инвеститори се оние кои ги познаваат своите можности и создаваат портфолио прилагодено на нивната финансиска состојба и инвестициски цели. Ризикот кој ја надминува вашата способност да се справите со можни загуби може да ја загрози вашата финансиска безбедност и остварувањето на долгорочните цели. Од друга страна, прекумерната претпазливост може да значи пропуштена можност за раст на имотот, особено при долгорочно штедење.
Клучот за успешно инвестирање е во наоѓањето рамнотежа – меѓу приносот, ризикот и вашиот индивидуален финансиски профил. Правиот пристап е оној кој е долгорочно одржлив, реалистично поставен и прилагоден на вашите потреби.
Управуваме со 5 отворени инвестициски фондови, кои ви овозможуваат да ја одберете вашата идеална стратегија за вложување.
Секој фонд има различна инвестициска политика, која е пропишана во проспектот на секој фонд, каде се наведени видовите на финансиски инструменти во кои може да се вложат средствата на фондот и лимитите на поединечни инвестиции кои се специфични за секој одделно фонд.
Достапни се фондови кои вложуваат во акции,обврзници како и паричен фонд со поконзервативен пристап. На овој начин, секој може да најде соодветна комбинација – без разлика на својата почетна позиција, очекувања или искуство.
Помош при инвестирање
За дополнителна помош при градење на вашето портфолио, можете да се обратите кај нашите инвестициски советници во НЛБ Фондови или во било која експозитура од НЛБ, или да не контактирате преку интернет или телефон.
Довербата не е случајност – таа се темели на стручност, долгорочно искуство и транспарентност при управувањето со вашите инвестиции.