Преминете кон содржината

Пазарите на капитал остануваат отпорни и покрај зголемените геополитички ризици 

Во момент кога се чинеше дека конфликтот на Блискиот Исток, иако постепено, се движи кон можно смирување, прекинот на договореното примирје и обновувањето на воздушните напади врз Иран повторно ја зголемија геополитичката неизвесност. Во фокусот на инвеститорите повторно се најдоа ризиците од натамошен раст на цените на енергенсите и нивното потенцијално прелевање врз инфлациските притисоци. Сепак, и покрај обновените тензии, реакцијата на финансиските пазари засега остана релативно воздржана, при што пазарните учесници задржаа претпазлив и неутрален пристап.

Индекс

Принос за една недела*                (03.07.2026 – 10.07.2026)

Принос за оваа година*     (31.12.2025 – 10.07.2026)

Свет - MSCI World+0,62%+13,91%
САД - S&P 500+1,33%+14,34%
Европа - DJ STOXX 600-1,75%+10,81%
Јапонија - Topix-0,73%+19,26%
Пазари во развој - MSCI Emerging markets-1,66%+25,18%

*вклучувајќи дивиденди, пресметано во евра

 

Извор: Bloomberg

На американските пазари на капитал преовладуваше позитивно расположение, пред сè како резултат на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор, особено во сегментот поврзан со вештачката интелигенција, при што дополнителен придонес дадоа и енергетскиот и комуникацискиот сектор. Во текот на изминатата седмица особено се истакнаа акциите на компанијата Meta, кои забележаа раст од речиси 15%, поттикнат од информациите дека компанијата планира да развива сопствени полупроводници. Со тоа делумно се оправдаа и причините за огромните инвестиции што најголемите светски компании ги насочуваат кон развојот на вештачката интелигенција, во која полупроводниците имаат клучна улога. Од друга страна, најслаб принос остварија секторите на стоки за широка потрошувачка и суровини.

 

Вредноста на водечкиот американски берзански индекс S&P500 во скратената трговска седмица се зголеми за 1,33%. Воедно, најновите макроекономски показатели упатуваат на релативно солидна состојба на американската економија. ISM индексот на услужниот сектор во јули забележа благо намалување, спуштајќи се на 54,0 поени од 54,5 поени во претходниот месец. Записникот од јунската седница на Федералните резерви откри поделени ставови меѓу членовите во однос на идната насока на каматните стапки, при што дел од нив дури се залагаа и за нивно дополнително зголемување.

 

Американските државни обврзници во текот на седмицата забележаа пад на цените, под влијание на растот на цените на нафтата и порестриктивниот тон на Федералните резерви, што резултираше со повисоки приноси долж речиси целата крива на принос. Приносот на десетгодишната американска државна обврзница моментално изнесува 4,58%.

 

Европските пазари на капитал седмицата ја завршија со понеповолни резултати во споредба со американските. Вредноста на поширокиот европски индекс STOXX Europe 600 на неделно ниво се намали за 1,75%. Инвеститорите на европските пазари на акции останаа повнимателни во пресрет на сезоната на објавување на кварталните деловни резултати. Дел од причините за послабите движења може да се бараат и во повисоките цени на енергенсите, кои имаат поизразено негативно влијание врз европските компании.

 

Германскиот извоз во мај неочекувано порасна за 0,9 % на месечно ниво, при што најголем придонес имаше зголемениот извоз кон САД, најзначајниот извозен пазар на Германија. Воедно, продолжува процесот на забавување на инфлацијата, така што годишната стапка на инфлација во Германија во јуни се намали на 2,3%, во споредба со 2,6% претходно.

 

На пазарот на државни обврзници приносите благо се намалија, па така приносот на десетгодишната германска државна обврзница на крајот од седмицата изнесуваше 2,94 %, што претставува намалување од 10 базични поени во однос на претходната седмица. Ова ги одразува зголемената побарувачка за посигурни вложувања и очекувањата дека Европската централна банка ќе продолжи со претпазлива монетарна политика.

 

На јапонскиот пазар на капитал индексот Topix на неделно ниво се намали за 0,73 %. Од макроекономските показатели особено се издвојува фактот што цените на производителите пораснаа со највисока стапка во последните три години, што укажува на трајни трошочни притисоци предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток и може дополнително да придонесе за засилување на инфлациските притисоци.

 

Јапонската министерка за финансии, Сацуки Катајама, најави дека Владата ќе ги поттикне домашните пензиски фондови да го зголемат уделот на вложувањата на домашниот пазар на капитал.

 

На кинескиот пазар индексот MSCI China во текот на изминатата седмица порасна за 3,19 %. Најголем придонес за позитивниот принос имаа акциите на големите кинески технолошки компании, при што дел од аналитичарите сметаат дека ваквото движење е резултат на пренасочување на капиталот од американските и јужнокорејските производители на полупроводници.

 

Од друга страна, секторот на недвижности и понатаму останува најслабата алка на кинеската економија. Инвестициите во овој сектор во првите пет месеци од годината на годишно ниво се намалија за повеќе од 16 %, иако цените на новите станбени објекти во најголемите градови пораснаа трет месец по ред.

 Овој тренд упатува дека мерките за поддршка преземени од државата постепено почнуваат да ги даваат очекуваните ефекти.

 

 

Автор:
Andrej Zakotnik

Финансиски аналитичар

Тековни случувања на пазарот на капитал

Во нашите публикации ќе најдете анализи и коментари за актуелните случувања на капиталните пазари.