Инвестициски можности
ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНДОВИ
ИНДИВИДУАЛНО УПРАВУВАЊЕ
КОМБИНИРАНИ ПРОИЗВОДИ
Минатата недела донесе подобрување на расположението на финансиските пазари. Вниманието на инвеститорите беше насочено кон сигналите за постепено ладење на американската економија, напредокот во трговските преговори и натамошниот развој на вештачката интелигенција. Иако геополитичките ризици и понатаму остануваат присутни, оптимизмот на пазарите продолжува да биде поддржан од долгорочни двигатели, како што се инвестициите во вештачката интелигенција, развојот на инфраструктурата и очекувањата дека централните банки наскоро ќе завршат со зголемувањето на каматните стапки.
Индекс | Принос за една недела* (26.06.2026 – 03.07.2026) | Принос за оваа година* (31.12.2025 – 03.07.2026) |
| Свет - MSCI World | +1,67% | +13,21% |
| САД - S&P 500 | +1,35% | +12,84% |
| Европа - DJ STOXX 600 | +2,69% | +12,78% |
| Јапонија - Topix | +2,49% | +20,14% |
| Пазари во развој - MSCI Emerging markets | +0,63% | +27,29% |
*вклучувајќи дивиденди, пресметано во евра
Извор: Bloomberg
Во САД, вниманието на инвеститорите беше насочено кон најновите податоци од пазарот на труд, кои укажаа на постепено забавување на растот на вработеноста. Иако економската активност останува стабилна, по периодот на силен раст таа постепено се движи кон поодржливо темпо. За инвеститорите, ваквиот развој претставува позитивен сигнал, бидејќи не укажува на зголемен ризик од рецесија, а истовремено ги зајакнува очекувањата дека американската централна банка е блиску до завршување на циклусот на зголемување на каматните стапки.
Поради тоа, очекувањата за идното движење на каматните стапки повторно се во фокусот, бидејќи тие имаат големо влијание врз движењето на пазарите. Во меѓувреме, инвеститорите почнуваат да вложуваат не само во најголемите технолошки компании, туку сè повеќе и во финансискиот, индустрискиот и здравствениот сектор.
Интересот за вештачката интелигенција и понатаму останува силен. Големите технолошки компании најавуваат рекордни инвестиции во центри за податоци, електроенергетска инфраструктура и компјутерска опрема. Затоа, инвеститорите сè повеќе бараат можности и кај компаниите што произведуваат опрема, градат инфраструктура или обезбедуваат решенија за обработка на податоци, а не само кај производителите на чипови.
Во Европа економските услови постепено се подобруваат, иако закрепнувањето е побавно отколку во САД. Позитивното расположение беше поттикнато од продолжувањето на трговските преговори меѓу Европската Унија и САД, бидејќи можен договор би ја намалил неизвесноста за европските извозници.
Дополнителна поддршка дава и стабилизирањето на цените на енергенсите, што им ги намалува трошоците на компаниите. Затоа инвеститорите сè повеќе внимание насочуваат кон секторите поврзани со одбраната, електроенергетските мрежи, инфраструктурата и енергетската транзиција.
Сепак, европската економија и понатаму се соочува со структурани предизвици. Економскиот раст останува умерен, продуктивноста заостанува зад американската, а инвестициите на компаниите во развој на нови технологии се релативно ограничени. Од друга страна, пониските вреднувања на европските акции ја зголемуваат нивната атрактивност и создаваат потенцијал за поголем интерес од инвеститорите со појавата на првите знаци на подобрување на економските услови.
На азиските пазари се истакна растот на јапонските акции од речиси 2,5%. Инвеститорите сè повеќе ја гледаат Јапонија како значаен учесник во глобалната индустрија, наместо исклучиво како економија со бавен раст.
Јапонија има водечка улога во индустриската роботика, автоматизацијата, напредните материјали, оптичките компоненти и опремата за производство на полупроводници – области кои се од суштинско значење за понатамошниот развој на вештачката интелигенција. Дополнителна поддршка на позитивниот пазарен сентимент дадоа и подобрените економски показатели, како и напредокот во трговските односи со САД.
Истовремено, јапонските компании сè поинтензивно спроведуваат корпоративни реформи, почесто вршат откуп на сопствени акции, поефикасно го користат капиталот и посветуваат поголемо внимание на интересите на акционерите. Токму овие промени, заедно со попривлечните вреднувања и изложеноста кон глобалните структурни трендови, се главните причини за зголемениот интерес на меѓународните инвеститори кон јапонските акции оваа година.
Автор:
Matej Mazi, CFA
Финансиски аналитичар
Во нашите публикации ќе најдете анализи и коментари за актуелните случувања на капиталните пазари.