Инвестициски можности
ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНДОВИ
ИНДИВИДУАЛНО УПРАВУВАЊЕ
КОМБИНИРАНИ ПРОИЗВОДИ
Објавата на Трамп од почетокот на неделата за преговорите за прекин на војната со Иран имаше само краткотраен позитивен ефект врз пазарите на капитал.
Сепак, реалноста покажа поинаква слика, па затоа вредностите на берзанските индекси на неделно ниво во најголем дел се намалија.
Индекс | Принос за една недела* (23. 03. 2026 – 27. 03. 2026) | Принос за оваа година* (31. 12. 2025 – 27. 03. 2026) |
Свет - MSCI World | -1,06% | -3,46% |
САД - S&P 500 | -1,72% | -4,88 % |
Европа - DJ STOXX 600 | +0,56 % | -2,23% |
Јапонија - Topix | -0,07 % | +6,63 % |
Пазари во развој - MSCI Emerging markets | -1,35% | +4,70 % |
*вклучувајќи дивиденди, пресметано во евра
Извор: Bloomberg
По завршување на тримесечјето, инвеститорите најчесто се фокусираат на кварталните резултати од компаниите. Но, во последните недели вниманието е насочено кон конфликтот на Блискиот Исток. Поради тоа расте загриженоста дека цените на енергенсите, кои веќе пораснаа од почетокот на војната, нема за брзо да се намалат, што може повторно да ја поттикне инфлацијата.
Во САД, минатата недела беа објавени неколку макроекономски показатели кои покажуваат дека американската економија е релативно стабилна. Индексот на менаџери за набавки (PMI) во март благо падна на 51,4 во споредба со февруари (51,9), но сѐ уште е над 50, што укажува на експанзија. Извештајот покажа и зголемена инфлација, особено во услужниот сектор, каде трошоците пораснаа најмногу во последните 10 месеци, главно поради поскапите енергенси. Вработеноста благо се намали, додека бројот на новоневработени остана стабилен и во согласност со очекувањата.
Во петок беше објавен и индексот на потрошувачко расположение, кој во март изнесуваше 53,3 и благо падна во споредба со февруари. Ова влијаеше на расположението на инвеститорите, па повеќето американски берзански индекси забележаа пад. Индексот S&P 500 се намали за 1,72 % на неделно ниво, додека технолошкиот Nasdaq падна за 3,63 %, влегувајќи во зона на корекција (повеќе од 10 % под својот врв), делумно поради сомнежите околу одржливоста на растот во технолошкиот сектор.
Во услови на зголемена неизвесност на акциските пазари, би се очекувало цените на обврзниците да пораснат, но тоа не се случи. Инвеститорите сега сметаат дека ризикот од повисока инфлација е поголем од ризикот од забавена економска активност. Ова значи дека членовите на Одборот на американските федерални резерви ќе бидат повнимателни при евентуално намалување на каматните стапки. Пазарот веќе го вгради ова во цените, па бараните приноси на обврзниците се зголемија (а нивните цени обратно паднаа). И покрај зголемената волатилност, приносот на двегодишната американска државна обврзница минатата недела не се промени значително и моментално изнесува 3,9 %.
Европските капитални пазари исто така беа погодени од кризата на Блискиот Исток, но минатата недела берзанските индекси благо се зголемија. Причината е што европските држави засега не се директно вклучени во конфликтот, иако загриженоста за зависноста од цените на енергенсите останува. Поради тоа, ОЕЦД ја намали прогнозата за економски раст во еврозоната на 0,8 % (претходно 1,2 %). Во Германија, во март се влоши расположението кај компаниите. Индексот на деловна клима на институтот Ifo падна на 86,4, најниско ниво во последната година.
Од друга страна, индексот на менаџери за набавки во индустријата се зголеми на 51,7, повеќе од февруари (50,9). Акцискиот индекс DAX минатата недела падна за 0,29 %, додека поширокиот европски индекс Stoxx 600 се зголеми за 0,56 %. И во Европа се зголемија трошоците за задолжување — бараните приноси на двегодишните германски државни обврзници се зголемија за 15 базични поени и сега изнесуваат 2,7 %. Европските инвеститори во обврзници стравуваат дека Европската централна банка би можела да ги зголеми каматните стапки, на што во текот на неделата укажа и претседателката Лагард.
Вредноста на јапонскиот акциски индекс (Topix) минатата недела беше поволатилна од вообичаено и на неделно ниво се намали за 0,07 %. Премиерката Sanae Takaichi најави дека владата ќе се обиде да ги ублажи повисоките цени на енергенсите со дополнителни мерки, со оглед на тоа што јапонската економија е силно зависна од нив, а во текот на неделата веќе ослободи дополнителни количини нафта од државните резерви.
Внимание привлече и вредноста на јенот, кој достигна ниво од 160 во однос на американскиот долар (ниво на кое централната банка и претходно интервенирала).
Кинеската влада ги ограничи цените на нафтените деривати со цел да го ублажи растот на цените на енергенсите на глобалните пазари. Токму поради повисоките цени на нафтата, вредностите на акциските индекси во Кина во последната недела се намалија. Тамошниот министер за трговија соопшти дека поднел жалба до Светската трговска организација (СТО), која се однесува на практиките на САД поврзани со синџирите на снабдување и обновливите извори на енергија.
Во нашите публикации ќе најдете анализи и коментари за актуелните случувања на капиталните пазари.