Инвестициски можности
ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНДОВИ
ИНДИВИДУАЛНО УПРАВУВАЊЕ
КОМБИНИРАНИ ПРОИЗВОДИ
Минатата недела на пазарите на капитал во фокусот беа важните макроекономски податоци, одлуките на централните банки и финансиските резултати на најголемите американски технолошки компании. И покрај изненадувачки силниот економски раст во САД и позитивниот почеток на неделата, расположението на пазарите значително се влоши кон нејзиниот крај. Инвеститорите сè повеќе се загрижени за исклучително високите инвестиции во вештачка интелигенција, што доведе до распродажба на технолошките акции. Американските берзански индекси ја завршија неделата со загуби, додека европските берзи остварија релативно силен раст.
Индекс | Принос за една недела* (23.10.2026 – 30.10.2026) | Принос за оваа година* (31.12.2025 – 30.10.2026) |
| Свет - MSCI World | +0,13% | +17,08% |
| САД - S&P 500 | -0,20% | +17,62% |
| Европа - STOXX 600 | +1,76% | +12,30% |
| Јапонија - Topix | +0,04% | +24,32% |
| Пазари во развој - MSCI Emerging markets | -0,35% | +19,74% |
*вклучувајќи дивиденди, пресметано во евра
Извор: Bloomberg
Федералните резерви на САД (ФЕД) ја задржаа основната каматна стапка непроменета на октомврискиот состанок, како што и се очекуваше. Стапката остана во распон од 3,75% до 4,00%, иако двајца членови на одборот гласаа за нејзино зголемување за 0,25 процентни поени. Главната причина за претпазливост и понатаму е упорната инфлација. Индексот на личните потрошувачки расходи (PCE), кој претставува главна мерка за инфлацијата што ја следи ФЕД, во септември достигна 3,6% на годишно ниво, во споредба со 3,4% во август.
И покрај високите ценовни притисоци, американската економија продолжува да покажува исклучителна отпорност. БДП на САД во третиот квартал порасна за 3,4% на годишно ниво, забрзувајќи во однос на растот од 2,2% во вториот квартал. Најголем придонес за растот имаа деловните инвестиции, вклучително и инвестициите во инфраструктура за вештачка интелигенција, како и континуираната силна потрошувачка на домаќинствата.
Во центарот на вниманието на инвеститорите беа финансиските резултати на најголемите американски технолошки компании. Повторно се отвори прашањето дали огромните вложувања во вештачка интелигенција ќе донесат очекувани резултати во наредните години.
„Alphabet“, матичната компанија на „Google“, оствари приходи од 127,6 милијарди долари во третиот квартал, што претставува раст од 25% во споредба со истиот период минатата година. Сепак, инвеститорите беа разочарани од послабите од очекуваните резултати во рекламниот бизнис, особено кај интернет-пребарувачот „Google Search“, каде што растот на приходите забави. Дополнителна загриженост предизвикаа и високите капитални расходи, кои достигнаа 51,4 милијарди долари и придонесоа за негативен слободен паричен тек од 9,1 милијарда долари. По објавувањето на резултатите, акциите на „ Alphabet “ загубија повеќе од 12% од својата вредност.
Разочарување имаше и кај „Amazon“, кој објави дека капиталните расходи оваа година ќе достигнат околу 220 милијарди долари, и покрај силниот раст на приходите од cloud услугата AWS. Уште поголем пад забележа производителот на чипови „Intel“. Неговите акции во петокот паднаа за речиси 29%, откако компанијата објави послаби од очекуваните приходи. Негативното расположение се прошири и кај другите производители на полупроводници, а индексот „NASDAQ“ само во петокот изгуби речиси 3%.
Инвеститорите сè повеќе се прашуваат кога големите инвестиции во вештачка интелигенција ќе почнат да носат повисоки профити и посилни парични текови за компаниите.
Европската централна банка (ЕЦБ) на состанокот во четвртокот одлучи да ги задржи клучните каматни стапки непроменети. Депозитната стапка остана на 2,50%. ЕЦБ предупреди дека упорно високите цени на енергијата ги зголемуваат инфлаторните ризици, а истовремено го забавуваат економскиот раст.
Сепак, европската економија во третиот квартал покажа малку поголема отпорност од очекуваната. Според првичните проценки на Евростат, бруто домашниот производ на еврозоната порасна за 0,4% во споредба со претходниот квартал. Ова е забавување во однос на растот од 0,6% во вториот квартал, но сепак резултатот е подобар од очекувањата на аналитичарите. На годишно ниво, економскиот раст изнесуваше 1,3%. Податоците покажуваат дека европската економија и понатаму бележи позитивен раст и покрај високите цени на енергијата и геополитичката неизвесност, иако разликите меѓу одделните земји остануваат значителни.
На пазарите на стоки, најголемо внимание привлече нафтата, чија цена остана над 100 долари за барел поради обновените геополитички тензии на Блискиот Исток. Цената на американската сурова нафта WTI во петокот изнесуваше околу 103 долари за барел. Извештаите за нови безбедносни инциденти во Ормускиот Теснец повторно ги засилија стравувањата од можни прекини во глобалното снабдување со енергија.
Автор:
Rok Vrčovnik
Во нашите публикации ќе најдете анализи и коментари за актуелните случувања на капиталните пазари.