Преминете кон содржината

Централните банки остануваат внимателни, додека корпоративните резултати пријатно изненадуваат

Минатата недела пазарите се движеа помеѓу рекордно високите нивоа на американските берзански индекси, повнимателните (јастребски) сигнали од централните банки и зголемени инфлаторни притисоци. Фокусот на инвеститорите беше насочен кон силната сезона на објавување на резултати, особено во САД, додека европските и азиските пазари покажаа поумерен пристап.

Индекс

Принос за една недела*                (24. 04. 2026 – 01. 05. 2026)

Принос за оваа година*     (31.12.2025 – 01.05.2026)

Свет - MSCI World0,76%6,12%
САД - S&P 5000,75%6,00%
Европа - DJ STOXX 6000,30%4,67%
Јапонија - Topix1,71%10,23%
Пазари во развој - MSCI Emerging markets-0,68%14,68%

*вклучувајќи дивиденди, пресметано во евра

 

Извор: Bloomberg

Главните американски индекси ја завршија неделата на рекордни нивоа: Nasdaq Composite порасна за 1,0%, Dow Jones Industrial Average за 0,4%, а S&P 500 за 0,75%. Во текот на април, S&P500 забележа раст од 8,75%, додека доларот зајакна за повеќе од 10% (најсилен месечен раст од ноември 2020 година).

 

Состанокот на FOMC во април, последен под водство на претседателот на ФЕД, Џером Пауел, донесе очекувана одлука - каматната стапка да остане во опсег од 3,50% до 3,75%. Сепак, имаше и невообичаена поделба: четири члена гласаа против, што е најголем број несогласувања во неговиот мандат.

 

Економските податоци останаа солидни, иако малку под очекувањата. БДП на САД порасна за 2,0% во првиот квартал (наспроти очекувани 2,3%), при што деловните инвестиции и потрошувачката на домаќинствата останаа силни.

 

Сезоната на објавување на резултати доби дополнителен замав. Растот на заработката на компаниите од S&P500 порасна од 15% на 27% за само една недела, според FactSet, што е највисоко ниво од 2021 година. Во фокус повторно беа технолошките гиганти и прашањето дали инвестициите во вештачка интелигенција веќе носат конкретни резултати.

 

Alphabet забележа раст на акциите од речиси 10% по објавувањето на резултатите, поддржан од силниот раст на Google Cloud и AI производите. Со околу 23% раст од почетокот на годината, компанијата е меѓу главните двигатели на растот на S&P500.

 

Од друга страна, Meta Platforms, и покрај подобрите од очекуваните резултати, изгуби 8,55% од вредноста, поради негативната реакција на инвеститорите на зголемените капитални расходи.

 

Поддршка на пазарот дадоа и Apple и Amazon. Акциите на Apple пораснаа за околу 3% во петокот – најсилен дневен раст во последните месеци – откако компанијата најави раст на приходите до 17% за тековниот квартал. Amazon, пак, ја заврши неделата на рекордно ниво, поттикнат од најбрзиот раст на приходите во облачниот сегмент во последните повеќе од три години.

 

Индексот STOXX Europe 600 ја заврши неделата речиси непроменет, иако во текот на тргувањето се движеше во распон од околу 2,6% од најниските до највисоките нивоа. Клучниот момент дојде во четвртокот, кога Европската централна банка и Банката на Англија одлучија да ги задржат каматните стапки непроменети и да не воведуваат дополнително затегнување, со што се намали неизвесноста на европските пазари.

 

Во меѓувреме, цената на нафтата од типот Брент се стабилизираше, откако претходно во текот на денот достигна 126 долари за барел, под влијание на застојот во преговорите меѓу САД и Иран.

 

По сектори, најдобри перформанси имаа телекомуникациските компании и банките, а поддршка доби и енергетскиот сектор. Од друга страна, автомобилската индустрија, малопродажбата и медиумскиот сектор беа меѓу послабите. Автомобилскиот сектор дополнително се најдe под притисок од најавата на претседателот Доналд Трамп по затворањето на пазарите во петокот, дека ќе ги зголеми царините за автомобили и камиони од Европската Унија на 25%.

 

Во Јапонија, поширокиот индекс TOPIX забележа раст од 1,71%, поттикнат од зајакнувањето на јенот, кое пазарите го поврзуваат со можна официјална интервенција по пробивањето на нивото од 160 јени за долар. Истовремено, Банката на Јапонија задржа поблаг тон, оставајќи ги каматните стапки непроменети, иако тројца членови на одборот гласаа за нивно зголемување. Централната банка воедно ја ревидираше нагоре прогнозата за инфлација за 2026 година – од 1,9% на 2,8%.

 

Во Кина, пазарите останаа релативно стабилни. Индексот CSI 300 порасна за 0,80%, поддржан од силните индустриски профити, кои во март забележаа годишен раст од 15,8%, по растот од 15,2% во првите два месеци од годината.

Тековни случувања на пазарот на капитал

Во нашите публикации ќе најдете анализи и коментари за актуелните случувања на капиталните пазари.

29.04.2026

Помеѓу рекордни берзански индекси и геополитичка неизвесност

Прочитај повеќе
15.04.2026

Настаните на Блискиот Исток ги одбележаа капиталните пазари низ целиот свет

Прочитај повеќе