Преминете кон содржината

Акциите под притисок и покрај добрите резултати

Глобалните пазари на акции доживеаја една од најлошите недели во последните години. Ниту иницијалната јавна понуда на акции на Anthropic, ниту рекордните резултати на Nvidia не успеаја да ја смират загриженоста околу цените на акциите на компаниите поврзани со вештачката интелигенција. Истовремено, се засилија и очекувањата за можно зголемување на каматните стапки во декември од страна на поважните светски централни банки.

Индекс

Принос за една недела*                (13.11.2026 – 20.11.2026)

Принос за оваа година*     (31.12.2025 – 20.11.2026)

Свет - MSCI World−7,58%+9,25%
САД - S&P 500−8,11%+9,07%
Европа -  STOXX 600−5,78%+8,74%
Јапонија - Topix−5,63%+16,11%
Пазари во развој - MSCI Emerging markets−7,92%+10,38%

*вклучувајќи дивиденди, пресметано во евра

 

Извор: Bloomberg

Американските пазари на акции ја забележаа најлошата недела од април 2025 година. Индексот S&P 500 изгуби приближно 8,1% од вредноста, изразено во евра, и ја заврши неделата на 6.910 поени. Падовите беа најизразени во секторите на информатичката технологија и комуникациските услуги, додека дефанзивните сектори на основните потрошувачки добра и комуналните услуги покажаа поголема отпорност. Со зголемената побарувачка за посигурни вложувања, приносот до достасување на десетгодишната американска државна обврзница се намали од приближно 5,15% на 4,91%, а индексот на очекувана волатилност VIX се искачи над 35 поени.

 

Американскиот производител на полупроводници Nvidia во вторникот, по завршувањето на тргувањето, ги објави резултатите за третиот квартал, кои ги надминаа очекувањата на аналитичарите. И прогнозите за четвртиот квартал се над очекувањата. И покрај рекордните резултати, акцијата на Nvidia дополнително поевтини, што ја одразуваше растечката загриженост на инвеститорите за вреднувањата на компаниите поврзани со вештачката интелигенција. Ова беа првите квартални резултати под привременото раководство на долгогодишната финансиска директорка Колет Крес.

 

Централен настан во неделата беше иницијалната јавна понуда на акции на Anthropic. По искористувањето на дополнителната опција, вкупно беа прибрани рекордни 93,5 милијарди американски долари, а вредноста на сопственичкиот капитал на компанијата при издавањето изнесуваше приближно 1.500 милијарди американски долари. Во четвртокот тргувањето со акцијата започна по цена од приближно 111 долари, но таа ја заврши неделата на околу 89 долари. Тоа и понатаму беше над цената при издавањето, која изнесуваше 83 долари.

 

Записникот од октомврискиот состанок на американската централна банка покажа широка поддршка за натамошно заострување на монетарната политика. Некои членови на одборот ја споменаа и можноста за поголемо зголемување на каматните стапки на декемврискиот состанок, за дури 50 базични поени. Ваквите очекувања дополнително придонесоа за негативното расположение на инвеститорите. Беа објавени и ноемвриските податоци за инфлациските очекувања на американските потрошувачи, кои значително се намалија, како и податоците за октомвриската продажба на мало, која порасна во согласност со очекувањата.

 

Европските пазари на акции го следеа глобалниот негативен тренд и ја забележаа најлошата недела од март 2025 година. Паневропскиот индекс STOXX Europe 600 изгуби 5,78%, а најголем пад меѓу поважните национални индекси забележа германскиот DAX, со загуба од 7,28%. Распродажбата ја предводеа акциите на технолошките компании. Меѓу нив, холандскиот производител на опрема за полупроводничката индустрија ASML во текот на неделата изгуби повеќе од 11%. Акциите на фармацевтските и прехранбените компании и овојпат покажаа поголема отпорност.

 

Дополнителен притисок врз пазарите создаде објавувањето на октомвриската инфлација во еврозоната, која на годишно ниво се зголеми на 4,0%, додека базичната инфлација достигна 2,6%. Податоците ги засилија дискусиите за можноста ЕЦБ повторно да ги зголеми основните каматни стапки уште на декемврискиот состанок. И во Велика Британија октомвриската инфлација се зголеми, од 3,5% на 3,6%.

 

И на азиските пазари на акции преовладуваше негативно расположение, при што под најголем притисок беа акциите на компаниите поврзани со вештачката интелигенција и полупроводничката индустрија. Расположението дополнително го влошија информациите за можни нови американски ограничувања на извозот на најнапредните чипови. Гувернерот на јапонската централна банка, Казуо Уеда, навести дека банката ќе продолжи со постепено зголемување на основните каматни стапки. Сепак, поради зголемената побарувачка за посигурни вложувања, приносите на јапонските државни обврзници се намалија.

 

Во Кина, врз расположението негативно влијаеја кварталните деловни резултати на технолошките компании, меѓу кои Tencent и NetEase, како и знаците на забавување на економската активност. Годишниот раст на индустриското производство во октомври забави на 4,8%, од 5,5% во септември.

 

 

 

Автор:
Matej Gosar

Тековни случувања на пазарот на капитал

Во нашите публикации ќе најдете анализи и коментари за актуелните случувања на капиталните пазари.

04.11.2026

Технолошките акции под притисок и покрај силниот економски раст

Прочитај повеќе