Инвестициски можности
ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНДОВИ
ИНДИВИДУАЛНО УПРАВУВАЊЕ
КОМБИНИРАНИ ПРОИЗВОДИ
Здружени парични средства на голем број инвеститори, кои се вложуваат во различни видови хартии од вредност, како што се акции и обврзници.
Која е разликата помеѓу инвестициски фонд и акција?
При инвестирање во акции, инвеститорот сам одлучува која компанија да ја избере и кога да влезе или излезе од инвестицијата. Ова бара време, знаење и подготвеност да се преземе целосниот ризик поврзан со поединечна акција.
Инвестициските фондови функционираат поинаку – со средствата на инвеститорот управуваат експерти, кои ги распределуваат вложувањата помеѓу различни, внимателно избрани компании (од различни географски региони и индустрии).
Инвестирање со помалку грижи
Средствата така не се вложуваат само во една акција, туку во повеќе хартии од вредност, со што се создава широко диверзифицирана инвестиција со помала изложеност кон пазарен ризик.
Неочекувани настани, како што се ненадејни промени на каматните стапки, инфлација, економско успорување или природни катастрофи, може значително да влијаат на поединечни акции, но нивното влијание врз диверзифицираното портфолио на инвеститорот е многу помало. На тој начин, инвестициските фондови им нудат на инвеститорите поголема диверзификација и помалку грижи.
Акција е сопственичка хартија од вредност која претставува удел во сопственоста на компанијата. Со нејзино купување, добивате право на дел од добивката (дивиденди) и можност за учество во важни одлуки на компанијата преку гласање на собрание на акционери.
Инвестицискиот фонд (акциски), пак, средствата на инвеститорите ги насочува кон повеќе различни акции истовремено. Тоа значи дека со една инвестиција добивате диверзифицирано портфолио составено од акции на успешни компании од различни области.
Токму оваа диверзификација е една од главните предности на инвестициските фондови, која им овозможува на инвеститорите едноставно и ефикасно вложување со помал ризик отколку директно купување на поединечни акции.
Обврзница е долгорочна хартија од вредност со која му позајмувате пари на издавачот (на пр. компанија или држава). Во замена, издавачот ветува дека на одреден датум ќе ви ја врати главницата и во меѓувреме ќе ви исплаќа камата, наречена купон.
За разлика од акциите, со обврзница не станувате сопственик на компанијата, туку доверител. Затоа, обврзниците обично се помалку ризични, но и помалку профитабилни инвестиции во споредба со акциите.
Диверзификацијата значи дека не ги вложувате сите пари во една инвестиција, туку ги распределувате паметно меѓу различни видови вложувања – на пример акции, обврзници или други инвестициски категории.
Со висока диверзификација, се намалува влијанието на негативни случувања кај поединечни вложувања врз целото портфолио. Тоа значи поголема стабилност, помал ризик и подобра заштита на вашите средства од ненадејни пазарни флуктуации.
Во НЛБ Фондови, инвеститорите можат да избираат помеѓу 5 различни фондови, кои се разликуваат според своите инвестициски политики.
Според составот на вложувањата, управуваме со следните видови фондови: акциски, комбиниран, обврзнички и паричен.
| Акциски фондови | Овозможуваат диверзифицирани вложувања во акции на различни издавачи. Нудат поголеми очекувани приноси, но и повисок пазарен ризик. |
| Обврзнички фондови | Овозможуваат диверзифицирани вложувања во обврзници. Обично нудат помали очекувани приноси, но и помал пазарен ризик. |
| Парични фондови | Вложуваат во краткорочни и сигурни инструменти, како депозити и краткорочни обврзници, со низок ризик и стабилен, но помал принос. |
| Комбинирани фондови | Станува збор за инвестиција која комбинира акции и депозити, обично со поголем удел на акции во составот на вложувањата. |
Со вашите средства управуваат експерти од НЛБ Фондови, кои врз основа на долгогодишно искуство внимателно и одговорно ги избираат перспективните инвестиции. Средствата се вложени во диверзифицирано портфолио, што ја намалува пазарната изложеност и помага да се ублажат можните флуктуации на финансиските пазари.
Работењето на НЛБ Фондови го регулира Комисија за хартии од вредност, која се грижи за законитоста, транспарентноста и фер работењето исклучиво во интерес на инвеститорите.
Средствата од фондовите со кои управува НЛБ Фондови се законски одвоени од средствата на самото Друштво (станува збор за два одвоени ентитети). Тоа значи дека работењето или евентуална несолвентност на компанијата не влијае врз безбедноста на вашите инвестиции во фондовите.
НЛБ Фондови управува со 5 инвестициски фондови
Изборот на соодветни фондови и инвестициски стратегии може да биде предизвик за инвеститорите.
Во донесувањето на одлуката можеме да ви помогнеме преку разговор, при што ги земаме предвид вашето знаење, искуство, однос кон ризикот, финансиските можности и временскиот хоризонт на вашата инвестиција. На овој начин полесно можете да одредите кој фонд или комбинација на фондови е најсоодветен за остварување на вашите цели.
Довербата не е случајност – таа се темели на стручност, долгорочно искуство и транспарентност при управувањето со вашите инвестиции.