Преминете кон содржината

Берзите на рекордно ниво пред крајот на успешната сезона на објави на резултати

Минатата недела на глобалните финансиски пазари преовладуваше оптимизам, најмногу поттикнат од одличните деловни резултати на компаниите во завршницата на сезоната на објавување на резултати, како и од солидните податоци од пазарот на трудот. И покрај тоа, геополитичката неизвесност и понатаму остана присутна. Цените на нафтата на почетокот на неделата повторно забележаа раст поради новите судири во Ормутскиот теснец, но до крајот на неделата значително се намалија откако тензиите околу Иран делумно се смирија. Инвеститорите во најголем дел го ставија геополитичкиот ризик во втор план, задржувајќи го фокусот на корпоративните резултати и економските показатели.

Индекс

Принос за една недела*                (01.05.2026 – 08.05.2026)

Принос за оваа година*     (31.12.2025 – 08.05.2026)

Свет - MSCI World1,56%7,77%
САД - S&P 5002,07%8,19%
Европа - DJ STOXX 6000,34%5,03%
Јапонија - Topix2,57%13,07%
Пазари во развој - MSCI Emerging markets6,60%22,25%

*вклучувајќи дивиденди, пресметано во евра

 

Извор: Bloomberg

Да започнеме од САД, каде што берзите ја завршија неделата со позитивен тренд, предводен од технолошкиот сектор, кој беше главно поттикнат од оптимизмот за вештачката интелигенција. Според FactSet, 89% од компаниите во индексот S&P 500 веќе ги објавија резултатите до 8 мај, а 84% од нив ги надминаа очекувањата на аналитичарите, во просек за 18,2%. Сезоната на објавување резултати се приближува кон крајот и повторно пријатно ги изненади инвеститорите.

 

Меѓу поединечните компании особено се издвои AMD, чии приходи во првиот квартал пораснаа за 38%, додека продажбата во сегментот на дата-центри се зголеми за 57%. По објавата, цената на акцијата за само еден ден порасна за околу 18%, повлекувајќи го нагоре и остатокот од полупроводничкиот сектор.

 

Вниманието на пазарните учесници беше насочено и кон објавата на податоците од пазарот на трудот, кои дадоа донекаде мешана, но во основа охрабрувачка слика. Американската економија во април додаде 115.000 нови работни места, значително повеќе од очекувањата, додека стапката на невработеност остана на 4,3%. Дополнителен оптимизам кај инвеститорите донесоа и други макроекономски показатели.

 

Новите нарачки во американската индустрија (factory orders) во март пораснаа за 1,5% на месечно ниво, при што растот повторно беше поттикнат пред сè од побарувачката за технолошка опрема и понатамошната изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција. Во исто време, барањата за надомест за невработеност останаа на ниски нивоа, што дополнително ја потврдува релативната отпорност на американската економија и покрај повисоките цени на енергенсите.

 

Помалку охрабрувачкo беше расположението кај потрошувачите, кое според индексот на Универзитетот во Мичиген во почетокот на мај падна на многу ниско ниво (48,2 индексни поени), едно од најниските нивоа во историјата на мерењето. Како главни причини испитаниците најчесто ги наведуваа повисоките цени на горивата, кои остануваат зголемени поради конфликтот во Ормутскиот теснец, како и американските царини.

 

Во Европа, неделата беше обележана со умерен раст, кој во втората половина од неделата беше делумно ограничен од заканите на Трамп за нови царини на европскиот увоз. И покрај тоа, главниот европски индекс STOXX 600 ја заврши неделата со благ раст.

 

Од макроекономски аспект, важно е да се истакне сигналот од Европската централна банка, каде што можноста за промена на каматните стапки во јуни сè уште останува актуелна. Јоаким Нагел, претседател на германската Бундесбанка и член на Управниот совет на ЕЦБ, нагласи дека централната банка на состанокот во јуни би можела да ја заостри монетарната политика доколку инфлациската слика дотогаш не се подобри значително.

 

Инфлациските притисоци на ниво на производители во март беа предводени од растот на цените на енергенсите, при што индексот на производствени цени (PPI) во еврозоната забележа месечен раст од 3,4%, што претставува највисоко месечно зголемување од август 2022 година наваму.

 

Азискиот континент оваа недела понуди натпросечни неделни приноси на берзанските индекси, при што се издвојуваат две приказни.

 

Во Јапонија, берзите по празниците на Златната недела го надоместија пропуштеното; вредноста на индексот Nikkei 225 во скратената работна недела порасна за речиси 6% и достигна рекордно ниво, повторно предводена од акциите од технолошкиот и полупроводничкиот сектор.

 

Особено силна динамика беше забележана на јужнокорејскиот пазар на капитал, каде што индексот KOSPI ја имаше една од најдобрите неделни перформанси во последните неколку години. На неделно ниво индексот оствари раст од приближно 13 % и ја заврши неделата на рекордни 7.498 поени. Позитивното движење беше предводено од засилената глобална побарувачка за полупроводници поврзани со развојот на вештачката интелигенција, дополнително поддржана од силниот извозен моментум на земјата. Во март, Јужна Кореја забележа рекорден суфицит на тековната сметка, пред сè како резултат на значителниот раст на извозот на чипови. Во такви услови, Goldman Sachs во текот на неделата ја означи Јужна Кореја како свој „најпрефериран“ азиски пазар на капитал и ја ревидираше нагоре целната вредност за индексот KOSPI на 9.000 поени. Вниманието на инвеститорите на берзата сега е насочено кон претстојната средба меѓу Трамп и Си во средината на месец мај.

Тековни случувања на пазарот на капитал

Во нашите публикации ќе најдете анализи и коментари за актуелните случувања на капиталните пазари.

06.05.2026

Централните банки остануваат внимателни, додека корпоративните резултати пријатно изненадуваат

Прочитај повеќе
29.04.2026

Помеѓу рекордни берзански индекси и геополитичка неизвесност

Прочитај повеќе